Болница „ПЛОДНОСТ“ доби свој претставник за фармаковигиланца
Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и Фармацевтскиот факултет во Скопје, номинираа 85 лекари специјалисти од сите градови на Република Македонија кои учествуваа на работилница за значењето и начинот на пријавување несакани реакции од лековите, односно за имплементирање на добрите практики на фармаковигиланца во Република Мекедонија.
Оваа TAIEX работилница беше организирана од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и Фармацевтскиот факултет од Скопје, а поддржана од Европската Комисија (European Commission).
Прeдавачи на дводневната работилница беа еминентни експерти, меѓу кои медицинскиот директор на UPSALA-мониторинг центарот од Шведска (д-р Pia Caduff-Janosa) и претставник од Светската здравствена организација (д-р Viola Macolić Šarinić), како и раководителите на националните центри за фармаковигиланца од Хрватска (д-р Darko Krnic и м-р сци. Фарм. Željana Margan Koletić) и Црна Гора (м-р фарм. Maja Stankovic).
Фармаковигиланцата игра клучна улога во следењето на безбедноста на сите лекови кои се ставени во промет и заштита на јавното здравје.
Од Болница „Плодност“, како одговорно лице за фармаковигиланца е избран м-р фарм. Стефан Матиќ – магистер по фармација и ембриолог во ИВФ одделот.
Сите номинирани лица добија сертификат за успешно завршена обука и претставуваат одговорни контакт лица за фармаковигиланца во матичните институции, преку кои регулаторниот орган ќе работи на подигнување на свесноста за пријавување несакани реакции од лекови и медицински средства и навремено ќе ги споделуваат со здравствените работници и пациенти сите значајни безбедносни информации за лековите и медицинските средства во нашата земја.
Следењето и пријавувањето на несаканите реакции на лековите се од непроценливо значење за нивната безбедна примена, како кај пациентите во нашата земја, така и на светско ниво, бидејќи секој пријавен несакан ефект по обработката од страна на МАЛМЕД, се регистрира во базата на Светската Здравствена Организација.