Лапароскопски третман на ендометриоза: тивок проблем, прецизно решение
10 јуни 2025

Нашиот тим неодамна изведе уште една минимално инвазивна лапароскопска интервенција кај 34-годишна пациентка со долготрајни болки и нерегуларни циклуси, симптоми што често остануваат недоволно препознаени и потценети.
Пациентката имаше долга историја на третмани без резултат, а причината за тоа ја откривме дури во оперативната сала. Со лапароскопија беше дијагностицирана расеана ендометриоза по целиот абдомен, состојба која, и покрај претходни ехо и МРИ прегледи, не беше видлива.
Ова уште еднаш ја потврдува важноста на лапароскопската хирургија како златен стандард во дијагнозата и третманот на сложени гинеколошки состојби.
Дополнително, кај пациентката беа откриени адхезии (сраслини) слепувања на органите кои не се воочливи при ниту една неинвазивна метода, а често се главната причина за неуспешност на претходните терапии.
Извршивме:
-
Адхезиолиза (отстранување на сраслините)
-
Прецизно отстранување на неколку жаришта од перитонеумот
Пациентката ќе продолжи со индивидуализирана шестмесечна терапија, според водечките европски протоколи. Очекуваме да ја напушти болницата веќе следниот ден – со значително намалена болка и подобрен квалитет на живот.
Во Плодност, секоја лапароскопска интервенција не е само операција, туку дел од целосна стратегија за женско здравје – со посветеност, технологија и тимска експертиза.



