Болница Плодност прва и единствена болница во Македонија со 3D лапароскопски пристап и ICG sentinel лимфна биопсија

Во 2021 година Болница Плодност ја направи клучната пресвртница во гинеколошката онкохирургија со воведување на најсовремената 3D лапароскопска техника и примена на ICG обојување за детекција на sentinel лимфни јазли кај пациентки со карцином на ендометриум.
Оваа иновативна метода, која во водечките европски и светски центри се применува како златен стандард, овозможува прецизна, брза и микроинвазивна проценка на лимфниот статус, што е од клучно значење за поставување точна дијагноза, правилен третман и подобра прогноза.
Во сите стадиуми на ендометријален карцином, ризикот од лимфни метастази изнесува приближно 15 проценти. Затоа токму лимфниот статус игра централна улога при дефинирање на понатамошниот третман и очекуваната прогноза.
Со воведувањето на овој метод, Болница Плодност стана првиот центар во Македонија што им овозможува на пациентките онкогинеколошка хирургија по стандарди на водечките светски институции, со сета прецизност што ја нуди модерната медицина.
Што претставува sentinel лимфна биопсија со ICG?
Sentinel лимфните јазли се првите лимфни структури каде теоретски би се појавиле метастази доколку туморот почне да се шири. Со инјектирање на ICG (индоцијанин зеленило) обојување и напредна лапароскопска визуелизација, овие лимфни јазли стануваат јасно видливи во реално време.
На тој начин се овозможува селективно и безбедно нивно отстранување без потреба од агресивна лимфаденектомија. Со ова се минимизира ризикот од компликации, како лимфедем или оштетување на нервни структури, а се добиваат точни податоци за стадиумот на болеста.
Придобивки од 3D лапароскопијата со sentinel биопсија:
- Подобра визуелизација и длабочинска перцепција
- Намалено време на хируршка интервенција
- Минимална инвазивност и мали резови
- Помала потреба од силна аналгезија
- Брзо постоперативно заздравување
- Подобра онколошка контрола со максимално зачувување на ткива
Ова е само уште еден доказ за нашата определба постојано да воведуваме иновации во служба на пациентите и да останеме на врвот на медицинскиот напредок во регионот.
