Прим. Д-р Таше Трпчевски во посета на IFFS World IVF Congress 2025 во Токио

Во периодот од 26 до 29 април 2025 година, Прим. Д-р Таше Трпчевски имаше чест да биде дел од еден од најзначајните светски настани во областа на репродуктивната медицина – IFFS World IVF Congress 2025, кој оваа година се одржа во Токио, Јапонија.
Настанот се одржа под темата „Разновидност, одржливост и отпорност во репродуктивната медицина“, со акцент на предизвиците и иновациите во третманот на неплодност на глобално ниво. Конгресот собра водечки светски имиња од областа на асистираната репродукција, вклучувајќи лекари, ембриолози, истражувачи и претставници од меѓународни здруженија.
Прим. Д-р Трпчевски присуствуваше на конгресот заедно со колегите д-р Митко Ивановски од Acibadem Sistina и д-р Митко Маџунков кој живее и работи во Канада. Средбите со стручњаци од целиот свет беа можност за размена на знаење, пристапи и идеи кои во иднина ќе помогнат во понатамошно унапредување на ИВФ практиките и персонализираниот пристап кон пациентите во Болница Плодност.
Темите на кои се дискутираше на конгресот опфатија:
- Одржливост и пристапност на асистираната репродукција
- Нови трендови во ембриолошка селекција и генетски скрининг
- Улогата на персонализиран ИВФ третман и напредните лабораториски технологии
- Етички предизвици и различности во пристапот меѓу континентите
- Интеграција на вештачка интелигенција во ИВФ процеси
Учеството на вакви меѓународни настани е дел од нашата стратегија за постојан професионален развој и следење на најновите достигнувања во светската медицинска заедница. Болница Плодност останува посветена на тоа да го пренесе најсовремениот пристап во лекувањето на неплодност и грижата за пациентите во Македонија.
Покрај професионалниот дел, посетата на Токио остави и личен впечаток. Градот, уреден, технолошки напреден и исполнет со почит кон традицијата, претставуваше идеална локација за еден ваков настан. Енергијата и културата на Јапонија оставија длабок впечаток и дополнително го збогатија ова искуство.




