ПОВТОРНО ЕДИНСТВЕНИ ВО РЕГИОНОТ – ERA ТЕСТ ЗА ТОЧНА ИЗВЕДБА НА ЕМБРИОТРАНСФЕР
Кај извесен број на жени и покрај трансферирањето на ембриони со добар квалитет и соодветна припрема на матката за транфер, сепак не се постигнува бременост. Имајќи го ова во предвид, можеме да кажеме дека квалитетeн и добар ембрион е значајна почетна точка за успех, но сепак многу битно е и таквиот ембрион да се трансферира во матка која е спремна да го прими.
Кај секоја жена постои точно определен период од менструалниот циклус – т.н. прозорец на имплантација – кога матката е спремна да прими ембрион. Тоа е најчесто помеѓу 19-от и 21-от ден од менстуралниот циклус. Надвор од овој прозорец дури ни најквалитетниот ембрион нема да може да се имплантира. Кај 3 од 10 жени кои се во ИВФ постапка овој прозорец е поместен и отстапува од вообичаениот образец, па поради тоа имаме парови кај кои и покрај трансферирањето на ембриони со врвен квалитет не доаѓа до имплантација.
ERA тестот овозможува најпрецизно одредување на точниот прозорец на имплантација за секоја поединечна пециентка, при што се определува точен ден и час за изведување на ембриотранферот.
Tестот се препорачува кај парови со повторувачки неуспешни имплантации, повторувачки неуспешни ИВФ постапки и покрај трансферирање на добри ембриони, но и кај парови кои се пред првиот ИВФ обид, со цел да се подобрат шансите за успех.
Првично пациентката, од првиот ден на менстуралнииот циклус, се подготвува со специјален протокол за ембриотрансфер. На одреден ден од менстуралниот циклус, со катетер, безболно, се зема мало парче на ткиво од ендометриумот (внатрешниот слој на матката) кое се користи на генетска анализа. Потоа се врши испитување на 248 гени поврзани со имплантацијата, а самиот тест е патентиран од страна на лабораторијата Igenomix во Валенсија, Шпанија.
Во циклусот кога се работи ERA тестот нема ембриотранфер. Ембриотрансферот се изведува со витрифицирани-одмрзнати ембриони или со свежи ембриони добиени од сопствени витрифицирани-одмрзнати јајни клетки или донор јајни клетки, на точниот датум одреден со ERA тестот, припремајќи ја матката идентично како за ERA тестот.
Овој тест го изведуваме во соработка со реномираната лабораторија Igenomix од Валенсија, Шпанија, која важи за светски лидер во областа на репродуктивната генетика. Во нашата болница веќе е изработена серија на пациентки со ERA тестот и стапката на успешност по ембриотранфер значително се зголеми. Благодарение на нашиот магистрант Стефан Матиќ кој ги заврши магистерските студии во Валенсија, Шпанија, дојде до реализација на оваа соработка и до примена на ERA тестот.